Сириската војска се повлече од градот Алеп по изненадувачката офанзива на бунтовниците кои се борат против силите на претседателот Башар ал-Асад. Армијата потврди дека бунтовниците влегле во голем дел од градот и вети дека ќе изврши противофанзива.
Во досегашните борби загинале повеќе од 300 луѓе, од кои најмалку 20 цивили, кажа Сириската опсерваторија за човекови права (СОЧП) со седиште во Велика Британија.
Асад се обрати синоќа и вети дека ќе ги брани стабилноста и територијалниот интегритет на Сирија од сите терористи и нивни поддржувачи.
„Земјата е способна, со помош од пријателите и сојузниците, да ги порази и елиминира, без разлика колку силни биле нивните терористички напади“, изјави Асад.
Конфликтот во Сирија беше во голема мера во мирување од постигнувањето на примирјето во 2020, додека опозициските сили ја задржаа контролата во северозападната провинција Идлиб. Градот Идлиб е оддалечен само 55 километри од Алеп, кој до 2016 беше упориште на бунтовниците.
Сегашната офанзива е предводена од исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам (ХТШ) и сојузничките фракции поддржани од Турција. ХТШ беше основана како Џабат ал-Нусра во 2011 и беше директно поврзана со Ал-Каеда, од која јавно се оддели во 2016. Таа се смета за најефективна и најсмртоносна група која се бори против Асад и веќе беше доминантна сила во Идлиб.
Според СОЧП, бунтовниците имаат контрола врз аеродромот во Алеп и десетици соседни села и гратчиња. Руските авиони вчера го бомбардирале Алеп за првпат од 2016, а потоа и Идлиб.