Сите њујорчани ќе мора да се вакцинираат против ковид-19 ако сакаат да одат на работа, објави градоначалникот Бил де Блазио. Задолжителната вакцинација веќе е на сила за јавните службеници, но таа сега е проширена и на вработените во приватните фирми.
„Оваа мерка ќе стапи на сила на 27 декември. Ние во градот Њујорк се решивме за превентивен удар. Сега го имаме омикрон како нов фактор, го имаме студеното време кое ќе создаде нови предизвици со делта сојот, ни доаѓаат семејните собирања. Задолжителното вакцинирање е единственото решение“, изјави Де Блазио, кој ја напушта функцијата следниот месец.
Тој вели дека Њујорк ќе биде првиот град во САД каде што и вработените во приватниот сектор ќе мора да се вакцинираат.
Задолжителното вакцинирање за јавниот сектор беше воведено во септември и беше проследено со големи критики и отпор. Сепак, стапката на вакцинирање порасна во изминатиот период.
Досега се откриени десет случаи на зараза со омикрон во Њујорк и околниот регион. Де Блазио вели дека е сигурен дека веќе има локално ширење на сојот.