Сите стари луѓе, жени и деца се евакуирани од опколената челичарница „Азовстал“ во Мариупол, соопштија Украина и Русија. Операцијата почна пред една недела, во координација со Обединетите нации и Црвениот крст, кои засега не ја потврдија информацијата.
Во фабриката остануваат преостанатите бранители на Мариупол, чија точна бројка не е позната и тие кажаа дека нема да се предадат.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека од фабриката се спасени повеќе од 300 луѓе. Нејасно е дали во фабриката сè уште има машки цивили. Зеленски додаде дека продолжуваат дипломатските напори за извлекување на украинските борци. Меѓу нив има и голем број ранети.
Освојувањето на Мариупол е многу важно за руските сили зашто ќе овозможи копнено поврзување на Крим и регионот Донбас во источна Украина и ќе им даде контрола на повеќе од 80% од украинското црноморско крајбрежје. Русија кажа дека нема да го прославува Денот на победата во Мариупол.
„Ќе дојде време за големи прослави таму“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.
Украинските борци и цивили со недели се криеја во подземните бункери на челичарницата со малку вода, храна и лекови. Фабриката сега во голем дел е уништена како резултат на постојаните бомбардирања.