Славниот ирански режисер Дариуш Мерџуи (83) и неговата сопруга Вахидех Мохамадифар се избодени до смрт во нивниот дом близу Техеран. Официјалната иранска новинска агенција ИРНА објави дека нивната ќерка Мона Мерџуи вчера ги нашла нивните тела со убодни рани во вратот кога отишла да ги посети.
Во тек е истрага за убиствата, но властите не кажаа ништо за евентуалниот мотив, иако сопругата на Мерџуи изминативе недели се жалела дека на социјалните мрежи добиваат закани со нож.
Мерџуи, на Запад често нарекуван и ирански Бергман, беше член на Иранската академија на уметностите и основач на Новиот бран на иранскиот филм од раните 1970-ти. Неговиот втор филм „Кравата“ се смета за прв филм од ова движење, во кој беа вклучени и Масуд Кимијаи и Насер Такваи. Повеќето од неговите филмови се инспирирани од литературата и адаптирани од ирански и странски романи и драми.
Неговиот последен филм „Ламинор“ излезе во 2019. Добитник е на број ни награди меѓу кои и Златна школка на фестивалот во Сан Себастијан во 1993. Во раните 1960-ти Мерџуи студирал на филмската школа на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес.