СО 50 ОТСТО ВАКЦИНИРАНО НАСЕЛЕНИЕ ПРОТИВ КОВИД-19, ИЗРАЕЛ ГИ ОЛАБАВИ РЕСТРИКЦИИТЕ

    СО 50 ОТСТО ВАКЦИНИРАНО НАСЕЛЕНИЕ ПРОТИВ КОВИД-19, ИЗРАЕЛ ГИ ОЛАБАВИ РЕСТРИКЦИИТЕОпштина во Тел Авив нуди бесплатни пијачки за лицата кои ќе се вакцинираат против ковид-19. (Фото: Ројтерс)

    Точно една година од првиот регистриран ковид случај, Владата на Израел од денес дозволи да се олабават рестрикциите за заштита од коронавирусот и да се отвори економијата, откако се вакцинираше речиси половина од населението. Продавниците и претходно беа отворени, но влезот во фитнес-сали, хотели и театри им е дозволен само на лицата кои ги примија двете дози од вакцината, или пак ја прележале болеста. Тие имаат зелено светло, статус кој го добиваат преку апликација на Министерството за здравство.

    Учениците од основните училишта и средношколците од последните две години во средно образование се враќаат  на настава со физичко присуство во оние градови каде се покажа дека стапките на зараза се под контрола. По речиси една година онлајн учење, следниот месец на настава се враќаат останатите ученици.

    Сѐ уште е на сила одлуката за носење маски и за одржување физичка дистанца. Забрането е танцување во сали за прослави. Во синагогите, џамиите и црквите дозволено е собирање до 50 отсто од капацитетот на просторот.

    „Ние сме прва земја во светот која се враќа во нормала благодарение на милионите вакцини кои ги купивме. Се вакциниравте? Добијте зелено светло и вратете се во живот“, напиша на Твитер премиерот Бенјамин Нетанјаху.

    Првата доза од вакцината на „Фајзер“ ја примија над 46 отсто од населението од 9 милиони жители. Земјата досега регистрираше над 740 илјади заразени и 5.500 смртни случаи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира