Социјалистичката партија на досегашниот премиер Еди Рама и официјално е прогласена за победник на парламентарните избори во Албанија, што се одржаа во неделата.
Државната изборна комисија објави дека Социјалистите освоија 48,57% гласови, односно 74 пратенички места, додека за главниот ривал Демократска партија гласаа 39,33% избирачи, со што обезбеди 59 мандати во новиот состав на парламентот. На третото место заврши Социјалистичкото движење за интеграција, предводена од првата дама на Албанија, Моника Крјемади, која ќе има пет пратеници.
Откако самиот се прогласи за победник, Рама преку Фејсбук ги повика своите приврзаници на голема прослава вечерва. Во својот говор на централниот плоштад во Тирана, тој ги повика Социјалистите и Демократите да работат заедно во интерес на економијата и добросостојбата на земјата.
„Ќе го посветам третиот мандат на обединувањето. Демократската партија има отворена покана за соработка“, кажа Рама.