Јавниот обвинител на САД, Мерик Гарланд, именуваше специјален советник кој треба да го истражи начинот на кој Џо Бајден постапувал со доверливи владини документи, што би можело да му ги наруши шансите за нов претседателски мандат.
Тој се огласи неколку часа откако адвокат на Белата куќа откри дека правниот тим на Бајден нашол втор комплет доверливи документи во неговиот дом во Делавер. Она што ја влошува ситуацијата за Бајден е што овие документи, кои потекнуваат од времето кога беше потпретседател, биле пронајдени во гаража покрај неговите стари спортски автомобили.
Доверливи документи претходно беа пронајдени и во неговата приватна канцеларија. Бајден кратко одговори на ситуацијата во која се најде.
„Не е дека документите стоеле на улица. Тие веднаш му се предадени на министерството за правда“, кажа тој на денешната прес-конференција.
Гарланд кажа дека истрагата ќе ја води Роберт Хур, поранешен обвинител на Мериленд. Специјални советници понекогаш се именуваат за да се истражат политички чувствителни случаи, при што тие делуваат независно од министерството за правда.
„Ќе осигурам Хур да ги добие сите потребни ресурси за вршење на својата работа“, изјави Гарланд.
Тој откри дека на 4 ноември првпат бил известен дека соработници на Бајден пронашле документи означени како доверливи. На 20 декември, личниот адвокат на претседателот му рекол на Гарланд дека уште документи биле најдени во гаражата на Бајден.