Специјалниот пратеник на Северна Кореја во САД, кој го подготви теренот за преговорите за денуклеаризација на корејскиот полуостров, наводно е егзекутиран поради неуспехот на последниот самит Ким-Трамп во Виетнам, објавија јужнокорејските медиуми.
Весникот „Чосун илбо“, повикувајќи се на неименувани извори од Северна Кореја, објави дека Ким Хјок-Чол бил егзекутиран во март, во чистката која опфатила уште четворица функционери од Министерството за надворешни работи кои работеле на подготовката на самитот во Ханој. Овие тврдења не се потврдени од независни извори, но досега не се демантирани ниту од Северна Кореја.
Ким Јонг-Чол, кој се сретна со државниот секретар Мајк Помпео во пресрет на самитот, бил осуден на „тешка физичка работа и идеолошка едукација во политички затворски камп“.
„Ким Хјол-Чол бил испрашуван и егзекутиран на аеродромот ‘Мирим‘ со четворица функционери од Министерството за надворешни работи. Тие биле обвинети дека шпионирале за САД“, изјавил неименуван извор од Северна Кореја.
Ким Јо-Џонг, која го следеше својот брат, лидерот Ким Џонг-Ун, на двата самита со Трамп, исто така била повлечена од јавноста, соопшти весникот.