Неколкумина видни српски политичари познати по своите проруски ставови денеска ја примија руската вакцина против ковид-19 „спутник“, во обид да покажат дека е безбедна.
Меѓу првите кои во Србија ја примија оваа вакцина се претседателот на парламентот Ивица Дачиќ, министерот за внатрешни работи Александар Вулин и државниот секретар во министерството за здравство Мирсад Ѓерлек.
Српските медиуми јавуваат дека оваа недела во земјата ќе бидат дадени 2.400 дози од вакцината „спутник“.
„Јас и министерот Вулин се вакциниравме за да им дадеме пример на останатите наши граѓани. Против ковид-19 можеме да се бориме само со безбедни и ефективни вакцини“, изјави Дачиќ.
Србија веќе доби и 25.000 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“.