СРЦЕТО МИ Е СКРШЕНО, КАЖА АЛЕК БОЛДВИН ОТКАКО СЛУЧАЈНО УБИ СНИМАТЕЛКА НА ФИЛМСКИ СЕТ

    СРЦЕТО МИ Е СКРШЕНО, КАЖА АЛЕК БОЛДВИН ОТКАКО СЛУЧАЈНО УБИ СНИМАТЕЛКА НА ФИЛМСКИ СЕТБолдвин вели дека целосно соработува со полициската истрага (Фото: Њу Мексикан)

    Алек Болдвин изјави дека е шокиран и тажен од трагедијата на филмскиот сет во Ново Мексико, каде што со пиштол реквизит случајно ги застрела снимателката Халина Хачинс и режисерот Џоел Соуза. Четириесет и двегодишната Хачинс подоцна им подлегна на повредите во болница.

    Тој кажа дека е во контакт со нејзиниот сопруг Метју.

    „Срцето ми е скршено за нејзиниот сопруг, нивниот син и сите кои ја познаваа и сакаа Халина. Нема зборови со кои можат да се искажат моите шок и тага поради трагичниот инцидент. Целосно соработувам со полициската истрага за тоа како се случила оваа трагедија“, напиша 63-годишниот Болдвин на Твитер.

    Полицијата на Санта Фе соопшти дека не се покренати обвиненија по она што го опиша како трагичен инцидент. Додаде дека Болдвин доброволно се пријавил да даде изјава. Засега не е познато дали во моментот на пукањето тој снимал сцена.

    Болдвин, Хачинс и Соуза го снимаа вестернот „Раст“ кога се случил инцидентот вчера во 13:50 часот по локално време. Синдикатот на забавната индустрија ИАТСЕ тврди дека во пиштолот имало само еден куршум.

    „Главниот актер случајно испукал од оружјето“, кажаа од синдикатот.

    Детективите сега истражуваат како пукањето од пиштол реквизит завршило со така катастрофални последици. Цитирајќи сведок, еден холивудски сајт објави дека видно растревожениот Болдвин прашувал зошто му дале огнено оружје наполнето со вистинска муниција.

    Хачинс, Украинка по потекло, дипломирала на Американскиот филмски институт во 2015 и беше прогласена за „ѕвезда во подем“ од магазинот „Американ кинематографер“ во 2019.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира