СТО ГОДИНИ ОД ДОАЃАЊЕТО НА МУСОЛИНИ НА ВЛАСТ, ВО РИМ СÈ УШТЕ СТОЈАТ ФАШИСТИЧКИ СПОМЕНИЦИ И ОБЕЛЕЖЈА

    СТО ГОДИНИ ОД ДОАЃАЊЕТО НА МУСОЛИНИ НА ВЛАСТ, ВО РИМ СÈ УШТЕ СТОЈАТ ФАШИСТИЧКИ СПОМЕНИЦИ И ОБЕЛЕЖЈАОгромниот мермерем релјеф за историјата на Рим изработен во 1940 го прикажува Мусолини на коњ (Фото: АП)

    Сто години откако Бенито Мусолини ја освои власта во Рим, негови фотографии и натаму стојат во официјалната резиденција на премиерот, што покажува дека Италија сè уште не расчистила со своето фашистичко минато.

    И додека Германија системски ги тргна сите симболи на нацистичкиот режим по Втората светска војна, Италијанците имаа помалку ригорозен пристап кон 21-годишното владеење на нивниот диктатор, па низ Рим и натаму стојат споменици и обележја поврзани со Мусолини и фашистичката партија.

    Италија има минато кое очигледно не претставува проблем. Никој не бара спомениците за фашизмот да бидат уништени. Тие едноставно се вклопуваат“, вели британскиот историчар Пол Корнер, автор на книгата „Мусолини во митот и меморијата“.

    Фашистичкиот слоган „Многу непријатели, многу чест“ пред обелискот посветен на Мусолини кај Олимпискиот стадион во Рим (Фото: АП)

    Утре се навршуваат 100 години од маршот на приврзаниците на Мусолини низ Рим, кога кралот едноставно им ја предал власта за да се избегне крвопролевање. Годишнината се совпаѓа со формирањето на новата влада, најдесничарска од Втората светска војна, предводена од Џорџа Мелони, чија партија Браќа на Италија има неофашистички корени. Таа го величела Мусолини во младоста, но во меѓувреме се дистанцираше од него и завчера во парламентот кажа дека никогаш не била симпатизерка на фашизмот.

    За разлика од Берлин, Рим и фашистичките орнаменти излегле речиси неоштетени од Втората светска војна, а некои поголеми споменици никогаш не се тргнати. Пред Олимпискиот стадион и натаму стои обелискот посветен на Дуче.

    Рим е град кој простува. Ние Италијанците имаме лажна, извртена идеја за Мусолини и сме се ослободиле од секаква вина за фашизмот. Сме си кажале себеси фиктивна приказна за тоа што се случило“, вели Алдо Кацуло, автор на книгата „Мусолини, лидерот на банда“.

    Корнер проценува дека половина милион Италијанци починале како резултат на катастрофалната одлука на Мусолини да војува покрај Хитлер.

    По војната, Италија се претставуваше себеси како невина жртва на фашизмот, но диктатура не може да опстане 20 години без поддршката на народот“, вели Корнер.

    Во Италија во скоро време не се очекува историски ревизионизам каков што имаше во Велика Британија и САД во изминатите години.

    Антифашистите ја изгубија културната битка во Италија“, вели Кацуло.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира