Стотици илјади луѓе во неколку европски градови денеска маршираа за поддршка на Палестинците и обидот на хуманитарна флотила да стигне до Газа. Во Истанбул се одржа најголемата од повеќекратните демонстрации што се одржаа во Турција. Снимките покажаа толпи како одат од црквата „Света Софија“ до бреговите на Златниот Рог, каде што беа пречекани од десетици бродови украсени со турски и палестински знамиња. Демонстрантите повикаа на муслиманска солидарност со Палестинците по пладневната молитва пред поранешната византиска катедрала, сега претворена во џамија.
Протестите беа меѓу другите денешни планирани во европските градови за да се одбележи втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023, што ја предизвика војната во Газа. Во нападите на Израел загинаа повеќе од 67.000 Палестинци, според Министерството за здравство на Газа, кое е дел од владата предводена од Хамас.
Во Анкара, демонстрантите држеа знамиња и транспаренти со кои се осудува „геноцидот“ во Газа.
„Ова угнетување, кое започна во 1948 година, продолжува веќе две години, претворајќи се во геноцид“, изјави Реџеп Карабал од Платформата за поддршка на Палестина пред насобраните луѓе во северниот град Кирикале.
Поддршката за Палестинците е широко распространета во Турција, каде што мнозинството население е муслиманско, а претседателот Реџеп Таип Ердоган е водечки критичар на воените операции на Израел во Газа.
Во Холандија, околу 250.000 луѓе, повеќето облечени во црвено, се собраа во Амстердам за да извршат притисок врз владата да преземе построги мерки против Израел. Неделниот протест и марш низ холандската престолнина се случуваат помалку од четири недели пред националните избори. Две демонстрации „Црвена линија“ во Хаг претходно оваа година, исто така, привлекоа десетици илјади луѓе. Откако го исполнија централниот плоштад на Музејот, демонстрантите прошетаа низ центарот на градот, држејќи палестински знамиња и симболи на мирот. На еден плакат пишуваше „Срам на владата“.
Холандската влада долго време е цврст поддржувач на Израел, но во последните месеци е покритична бидејќи меѓународната поддршка за Израел се намалува. Во петокот, министерот за надворешни работи Давид ван Вил изјави дека е малку веројатно оти ќе одобри извозна лиценца за испраќање делови за борбени авиони „Ф-35“ во Израел.
Марџон Розема, портпаролка на „Амнести интернешнл“, еден од организаторите на протестот, повика на употреба на „сите економски и дипломатски средства за зголемување на притисокот врз Израел“.
Демонстрациите денеска се одржаа еден ден откако стотици илјади луѓе маршираа во Рим, Барселона и Мадрид во знак на растечко меѓународно негодување поради двегодишната воена кампања на Израел во Газа. Помали собири се одржаа во Париз, Лисабон, Атина и Скопje, како и во Лондон и Манчестер.