Студентите и граѓаните во Србија во тишина ја испратија старата и ја дочекаа новата година, продолжувајќи ги протестите кои траат веќе два месеца, од трагедијата во Нови Сад, кога во уривањето на настрешницата на железничката станица загинаа 15 луѓе. Во Белград, Нови Сад, Ниш и Крагуевац и во новогодишната ноќ беа организирани собирите „15 минути тишина“, кои почнаа во 23:52 часот, на кои се приклучија илјадници граѓани.
„Нема Нова, уште сте ни должни за старата“, беше порачано преку големиот транспарент што беше оставен на влезот во Студентскиот парк во Белград. На тврдината во Ниш беше закачен транспарент „Нема дочек додека не се дочека правдата“.
Студентите, кои одржуваат редовни блокади на белградскиот и на новосадскиот универзитет и на факултетите во Ниш и Крагуевац, бараат да се објави целосната документација за реновирањето на железничката станица во Нови Сад, да се отфрлат обвиненијата против сите уапсени на протестите и да се поднесат кривични пријави против напаѓачите на студентите и професорите.