Светот во ист ден ја надмина границата од 10 милиони заразени и 500.000 починати од ковид-19, потврди универзитетот Џонс Хопкинс, додека владите продолжуваат да ги ублажуваат или укинуваат рестриктивните мерки, поради што експертите предупредуваат дека најлошите вести допрва ќе дојдат.
Ова следува точно шест месеци откако Светската здравствена организација беше информирана за појавата на необични случаи на пневмонија во кинескиот град Вухан.
САД остануваат најтешко погодената земја со 2,6 милиони заразени и речиси 126.000 починати, иако стапката на смртност е поголема во други држави, како Белгија, Велика Британија, Шпанија, Италија и Шведска.
Само уште Бразил има повеќе од еден милион потврдени случаи на коронавирус, а и со бројот на починати е на второто место (57.000).
Коронавирусот во меѓувреме повторно се појави и во земјите кои веќе немаа активни случаи (Нов Зеланд, Црна Гора), додека значителен пораст на бројот на заразени бележат Мексико, Перу, Австралија, Чешка, Хрватска, Србија, Македонија…