Велика Британија и светот денеска ја испраќаат Елизабета Втора на нејзиното последно почивалиште, а на државниот погреб ќе присуствуваат стотици монарси, претседатели и премиери, додека милиони луѓе ќе се наредат долж улиците на Лондон за да ѝ кажат збогум на кралицата која владееше цели седум децении.
Денот исполнет со погребни церемонии и обичаи во Лондон и Виндзор започна со затворањето на вратите на Вестминстерската хала, каде што во изминатите денови стотици илјади луѓе поминаа покрај ковчегот со телото на кралицата. Многумина од нив со часови чекаа во редица за да ѝ оддадат почит.
Ова ќе биде првиот државен погреб во Велика Британија од смртта на Винстон Черчил во 1965 година, првиот од 15-темина британски премиери во ерата на Елизабета.
Денешниот ден е прогласен за национален празник. Погребот ќе се пренесува во повеќе од 200 земји и територии, како и на големи екрани низ цела Велика Британија.
Ковчегот ќе биде пренесен во Вестминстерската катедрала во истата кочија со која биле превезени и кралевите Едвард Седми, Џорџ Петти и Џорџ Шести, како и Черчил, а на службата, која почнува на пладне по македонско време, ќе присуствуваат околу 2.000 луѓе. Меѓу нив ќе бидат и околу 500 светски лидери и монарси, од американскиот претседател Бајден до премиерот на Кукови Острови, Марк Браун. Ќе присуствува и речиси целото кралско семејство, со иклучок на четиригодишниот правнук на кралицата, Луис.
„Во изминатите десет дена, јас и мојата сопруга бевме длабоко трогнати од сите пораки на сочувство и утеха што ги примивме од целата земја и целиот свет. Додека се подготвуваме да го кажеме нашето последно збогум, сакам да ја искористам оваа прилика да им се заблагодарам на безброј луѓе кои беа толкава поддршка и утеха за мене и семејството во ова време на тага“, изјави кралот Чарлс Трети во својата последна порака пред погребот.
Во 16 часот, ковчегот ќе биде пренесен во капелата „Свети Џорџ“ во замокот Виндзор, каде што кралицата ќе биде погребана покрај својот сопруг, принцот Филип.