Светот денеска ја надмина бројката од два милиона заразени со коронавирус, потврди Универзитетот Џонс Хопкинс, три и пол месеци откако тој првпат беше идентификуван во кинескиот град Вухан.
Ова следува само 13 дена откако беше достигнат првиот милион, но експертите веруваат дека бројките се и многу повисоки, бидејќи нивото на тестирање е различно во секоја држава. САД се убедливо на првото место според бројот на заразени – повеќе од 616.000 досега, а над 100.000 случаи уште имаат Шпанија, Италија, Франција и Германија, додека Велика Британија е на 98.500.
Покрај 523 починати, Шпанија само во последните 24 часа има 5.092 новозаразени, две третини повеќе во однос на вчера и ова е најголема дневна бројка од 25 март. Експертите веруваат дека ова се должи на зголемениот обем на тестирање, откако во последните две недели биле направени два милиона брзи теста.
Велика Британија пријави нови 761 починат од КОВИД-19, со што вкупната бројка порасна на 12.868. Во Италија во последните 24 часа има 578 починати и 2.667 нови пациенти, најмала бројка од почетокот на март, со што продолжува надолниот тренд на зараза.