Светската здравствена организација издаде итно одобрение за ковид вакцината направена од кинеската компанија „Синофарм“. Ова е прва вакцина од незападна земја која доби поддршка од СЗО, која досега ги одобри вакцините на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и на „Џонсон и Џонсон“.
Освен во Кина, оваа вакцина веќе се користи во 45 држави низ цел свет, најмногу во посиромашните делови на Азија, Африка и Јужна Америка.
Со малку достапни податоци во почетокот, ефективноста на разни кинески вакцини долго време беше неизвесна. Така, бразилско истражување покажа дека вакцината на „Синовак“ едвај го надминува потребниот праг од 50% ефективност.
„Вакцината на ‘Синофарм‘ има потенцијал значително да го забрза пристапот кон ковид вакцини за земјите кои бараат заштита за своите здравствени работници и загрозено население“, соопшти СЗО, препорачувајќи ја вакцината за сите над 18 години.
Одлука за „Синовак“ се очекува во наредните денови, додека руската вакцина „спутник“ и натаму се анализира.