Децата низ Африка ќе почнат да се вакцинираат против маларија, што се смета за историски момент во борбата против оваа смртоносна болест. Маларијата со векови е една од најголемите опасности за човештвото и од неа главно умираат бебиња и мали деца.
Вакцината наречена РТС,С беше докажана како делотворна пред шест години и се смета за едно од најголемите постигнувања во медицината.
По успешните пробни програми за имунизација во Малави, Гана и Кенија, Светската здравстена организација ја одобри употребата на вакцината во Потсахарска Африка и во други региони каде што има големо пренесување на маларијата.
„Ова е историски момент. Долгоочекуваната вакцина против маларија за деца е огромен успех на науката и ќе придонесе многу за здравјето на децата и за контрола на болеста“, изјави шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Маларија е паразит кој ги напаѓа и уништува крвните клетки со цел да се размножува и ја шират комарци. Повеќе од 260.000 деца починале од оваа болест во Африка во 2019 година. Потребни се години на редовно заразување за да се изгради имунитет, а дури и тогаш само се намалуваат шансите за сериозно разболување.