Светската здравствена организација го прогласи последното ширење на мајмунски сипаници за глобална итна здравствена ситуација, што е највисок степен на тревога. Ова следува откако беа регистрирани повеќе од 16.000 случаи во 75 држави.
Прво идентификувана кај мајмуни во 1950-ите, оваа болест е карактеристична за зафрлени делови на централна и западна Африка и затоа последното ширење, од кои она во Европа е најголемо досега, ги збуни и изненади научниците. Станува збор за ретко вирусно заболување кое вообичаено е благо и заразените заздравуваат за неколку недели. Вирусот не се пренесува така лесно помеѓу луѓето, па ризикот од поголемо ширење е многу мал.
„Мајмунски сипаници забрзано се шират низ светот и тоа преку нови начини на пренесување, за кои малку знаеме. Досега има и пет смртни случаи. Ова е вонредна ситуација. Ризикот од мајмунски сипаници е умерен во сите региони во светот освен Европа, каде што е проценет како висок“, изјави шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, додавајќи дека во организацијата немало консензус за тоа како да се класифицира ширењето.
Во Европа, најголем дел од случаите е поврзан со секс помеѓу мажи, иако здравствените власти нагласуваат дека секој може да се зарази.
„Ова е ширење што може да се сопре со вистински стратегии во вистински групи“, кажа Гебрејесус.
Не постои посебна вакцина за мајмунски сипаници, но СЗО вели дека вакцините против мали сипаници се 85% делотворни против ова заболување. Симптомите вклучуваат осип, треска, главоболка, болки во мускулите, болки во грбот, отечени лимфни јазли, треска и исцрпеност.