Дванаесеттемина момчиња и нивниот фудбалски тренер, кои по голема меѓународна спасувачка операција беа извадени од поплавените пештери во северен Тајланд, ќе ја напуштат болницата и ќе бидат пуштени дома.
Групата помина во болница една недела и денеска ќе се појави на прес-конференција, по што сите ќе бидат споени со своите семејства, кажаа официјални лица.
„Прес-конференција ќе се одржи за да можат медиумите да им постават прашања, по што тие ќе се вратат на своите нормални животи, без да бидат малтретирани од медиумите“, изјави портпаролот на владата Сунсерн Каевкумнерд.
Новинарите мораа однапред да ги предадат своите прашања, кои потоа беа оценети од детски психијатар.
„Тоа ќе биде нивното единствено официјално интервју. Потоа веќе нема да комуницираат со медиумите“, кажа гувернерот на провинцијата Чијанг Раи, Прачон Пратсукан.
Децата и тренерот исчезнаа во пештерите на 23 јуни и беа лоцирани дури по девет дена. Тие планирале да бидат внатре само еден час, но останале заглавени по ненадеен пороен дожд.