Талибанците прогласија победа во Авганистан откако вчера ја презедоа контролата врз Кабул, додека жителите и странците панично бегаат од градот. Вооружени борци шетаат низ претседателската палата, владата се распадна, а претседателот Ашраф Гани избега од земјата и според „Ал Џазира“, се наоѓа во Узбекистан. Тој кажа дека избегал со цел да се спречи крвопролевање, предавајќи го Кабул без борба.
„Војната е готова. Ова е голем ден за авганистанскиот народ и за муџахедините. Тие ги гледаат плодовите на нивните напори и жртви во изминатите 20 години“, изјави портпаролот на талибанците, Мохамад Наим.
Кабул беше последниот голем град на патот на брзата талибанска офанзива, која почна пред еден месец, откако САД и сојузниците почнаа да се повлекуваат од земјата. Областите почнаа да паѓаат една по друга пред само десет дена, кога беше освоен првиот провинциски главен град.
Талибанските борци вчера добија наредба да влезат во градот откако дотогаш беа задржани на периферијата. Тие кажаа дека ќе спречат хаос и грабежи откако голем дел од безбедносните сили го напушти градот.
Наим додаде дека наскоро ќе се знае формата на новиот режим во земјата и повика на обновување на меѓународните односи зашто не сакаат да живеат во изолација.
„Го остваривме она што го баравме, а тоа се слободата на нашата земја и независноста на нашиот народ. Ќе почекаме да заминат странските сили пред да почнеме со формирањето на владините структури“, кажа Наим.
Еден од лидерите на талибанците кажа дека на борците им е забрането да прославуваат со пукање и дека на Авганистанците ќе им биде дозволено да продолжат со дневните активности.
„Нормалниот живот ќе продолжи на многу подобар начин, а жените ќе имаат право на работа и образование“, изјави тој.