Американскиот претседател Доналд Трамп одобри договор со кој Тикток ќе продолжи да функционира во САД, со што се става крај на конфронтацијата околу популарната мобилна апликација, за која американските власти велеа дека е закана за националната безбедност. Тикток требаше да биде забранет во САД од недела на полноќ.
„Го одобрувам договорот во принцип“, кажа Трамп пред митингот во Северна Каролина.
Како дел од договорот, американските компании Оракл и Волмарт заеднички ќе формираат нова компанија Тикток Глобал, со седиште во САД. Ваквиот договор изгледа дека ги задоволи барањата на Белата куќа за заштита на податоците на американските корисници на апликацијата, иако кинеската компанија Бајтденс ќе има мнозински удел во сопственоста на компанијата.
Американските власти беа загрижени дека податоците кои ги собира апликацијата Тикток можат да бидат дадени на кинеските власти. Бајтденс, сопственикот на Тикток, ги негира обвинувањата дека е под контрола на кинеската Комунистичка партија.