ТРАМП БАРА РЕТКИ МИНЕРАЛИ ОД УКРАИНА ВО ЗАМЕНА ЗА НАТАМОШНА АМЕРИКАНСКА ПОМОШ

    ТРАМП БАРА РЕТКИ МИНЕРАЛИ ОД УКРАИНА ВО ЗАМЕНА ЗА НАТАМОШНА АМЕРИКАНСКА ПОМОШУкраина располага со резерви на повеќе од 20 критични ретки земјени минерали (Фото: Њујорк тајмс)

    Доналд Трамп кажа дека е спремен да склучи договор со Украина, според кој САД би продолжиле да ја снабдуваат со помош во замена за ретки минерали со кои таа располага.

    „Сакаме да направиме договор со Украина, со кој ќе ѝ го обезбедиме она што го бара во замена за ретки земјени минерали и други работи. Сакаме гаранција“, кажа Трамп од Белата куќа.

    Украина е богата со ретки минерали како литиум, ураниум и титаниум, кои се клучни за производството на широк спектар модерни производи, како мотори за електрични автомобили и ветерни турбини.

    Новата понуда на Трамп доаѓа откако тој ја замрзна целата американска меѓународна помош, принудувајќи многу хуманитарни организации во Украина да запрат со својата работа, додека украинската влада мора да најде алтернативни извори на финансии за клучните програми, како енергетска инфраструктура. Претседателот Володимир Зеленски кажа дека одлуката на Трамп не ја погоди воената помош обезбедена од претходната администрација.

    Пројавувајќи интерес за украинските ретки минерали, Трамп всушност се навраќа на понудата што претходно ја изнесе самиот Зеленски. Висок украински функционер сега кажа дека Украина е спремна да работи со САД на договори за ретки минерали. Украина располага со резерви на повеќе од 20 критични ретки земјени минерали, чија вредност се проценува на неколку трилиони долари. Сепак, нејасно е колку од овие резерви ѝ се достапни на Украина, зашто дел од земјата е окупиран од Русија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира