Неколку часа пред очекуваното објавување на доверливиот меморандум, кој треба да покаже дека ФБИ го шпионирал изборниот штаб на Доналд Трамп за време на претседателската кампања, тој жестоко ги нападна Бирото и Министерството за правда, обвинувајќи ги дека работеле на нарушување на угледот на Републиканската партија.
„Водечките луѓе и иследници од ФБИ и од Министерството за правда го исполитизираа тајниот истражувачки процес во полза на демократите, а против републиканците. Ова би било незамисливо не така одамна“, напиша Трамп на Твитер.
Се очекува Трамп да го одобри објавувањето на меморандумот, кој сугерира дека ФБИ шпионирал еден негов близок соработник. И додека ФБИ смета дека тоа би била голема грешка и закана за националната безбедност, демократите велат дека ова има за цел да ги спречи истрагите против Трамп.
„Меморандумот е обид да се поткопа федералната истрага на обвинувањата дека кампањата на Трамп имала контакти со Русија во предизборниот процес во 2016 година“, велат од Демократската партија.