Доналд Трамп изјави дека САД ја обновуваат блокадата на иранските пристаништа и ќе се погрижат Ормускиот Теснец да остане отворен, откако двете страни разменија повеќе напади со ракети и дронови во изминатите денови, што ги загрози идните мировни преговори.
„Ормускиот Теснец е отворен и ќе остане отворен, со или без Иран. Ја враќаме блокадата на Иран. Од овој момент, па натаму, САД ќе бидат познати како чувари на Ормускиот Теснец, но како такви ќе бидат надоместени, со 20% од целиот товар што се испраќа. Патарината би помогнала да се покријат сите трошоци потребни за обезбедување сигурност во овој многу нестабилен дел од светот“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.
Врховната воена команда на Иран соопшти дека САД немаат никаква улога во одредувањето на иднината на оваа важна бродска рута и дека нема да им биде дозволено да интервенираат во управувањето со Теснецот.
Револуционерната гарда денеска соопшти дека нападнала американски воени објекти во Бахреин и Кувајт, уништила радарски системи во Оман и погодила резервоари за гориво и складишта за муниција во воздухопловната база „Принц Хасан“ во Јордан како одговор на последните американски напади. Американската војска соопшти дека нападнала десетици ирански воени локации.
Мохамед Мохбер, советник на врховниот водач Моџтаба Хамнеи, кажа дека Иран ќе се бори за Теснецот.
„Ормускиот Теснец е наша територија и нема да дозволиме нечесна армија од другата страна на светот да продолжи со своето нелегално мешање во него“, порача Иранската револуционерна гарда.



