Доналд Трамп кажа дека ќе разговара со претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те, за можна продажба на оружје, што ќе биде прекршување на долгогодишен дипломатски протокол. Лидерите на САД и Тајван последен пат разговараа директно во 1979 година, кога Вашингтон ги прекина формалните односи со Тајпеј и ја призна кинеската влада.
Кина тврди дека Тајван е нејзина територија и не ја исклучи можноста за негово земање со сила. Лаи, кој стана претседател во 2024, силно се залага за зајакнување на одбраната на Тајван. САД се поддржувачи на Тајван и се обврзани со закон да му обезбедат средства за самоодбрана.
„Ќе зборам со Лаи. Јас разговарам со сите. Ќе разговараме за тајванскиот проблем“, рече Трамп.
Во 1979 година, САД го усвоија Законот за односи со Тајван, според кој Америка може да му обезбеди на Тајван оружје од дефанзивен карактер, поради што продолжи да му продава оружје. По средбата со кинескиот претседател Шји Џинпинг минатата недела, Трамп кажа дека досега не одлучил дали ќе ја одобри продажбата на пакетот оружје од 14 милијарди долари, кој наводно вклучува и системи против дронови и ракети.
Иако Трамп ја отфрли можноста за конфликт помеѓу САД и Кина околу Тајван, тој рече дека на средбата со Шји не се обврзал на ништо. Лаи потоа изјави дека Тајван е суверена, независна демократска земја и дека мирот во Тајванскиот Теснец нема да биде жртвуван или тргуван.



