ТРАМП ЌЕ РАЗГОВАРА СО ЗЕЛЕНСКИ И ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ПРЕД СРЕДБАТА СО ПУТИН

    ТРАМП ЌЕ РАЗГОВАРА СО ЗЕЛЕНСКИ И ЕВРОПСКИТЕ ЛИДЕРИ ПРЕД СРЕДБАТА СО ПУТИНБелата куќа кажа дека средбата со Путин ќе биде „слушачка вежба“ за Трамп (Фото: АП)

    Володимир Зеленски и европските лидери денеска ќе разговараат со Доналд Трамп на виртуелна средба во пресрет на неговиот самит со Владимир Путин на Алјаска в петок. Трамп ќе биде домаќин на Путин, што тој го опиша како пробна средба во неговите напори да стави крај на војната.

    Трамп вели дека и Русија и Украина ќе мора да се откажат од дел од територија во интерес на мировен договор, што беше отфрлено од Зеленски. Тој кажа дека Украина ќе одбие секаков предлог за откажување од регионот Донбас, сметајќи дека тоа би било отскочна штица за идна нова руска офанзива.

    Непредвидливоста на текот на самитот ги поттикна европските стравувања дека Трамп и Путин би можеле да донесат далекусежни одлуки, па дури и да се обидат да ја принудат Украина на неповолен договор.

    „Сега се фокусираме на тоа да се осигураме дека тоа нема да се случи. Соработуваме со американските партнери и остануваме координирани и обединети од европска страна. Има уште многу време до петок“, рече еден висок функционер од источна Европа.

    Белата куќа вчера ги ублажи очекувањата за голем напредок кон прекин на огнот, велејќи дека средбата со Путин ќе биде „слушачка вежба“ за Трамп, на која тој ќе слушне што е потребно за да се дојде до мир.

    Видеоконференцијата помеѓу Трамп, Зеленски и лидерите на Германија, Финска, Франција, Велика Британија, Италија, Полска и Европската Унија треба да се одржи во 14 часот по средноевропско време, изјави портпарол на германската влада. Ќе присуствува и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

    Украина се надева дека оваа средба ќе послужи како европска противтежа на самитот на Алјаска. Зеленски притоа ги отфрли информациите за голем пробив на Русија низ украинската одбрана, велејќи дека Москва пред самитот сака да наметне наратив дека Русија напредува, а Украина губи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира