Доналд Трамп го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да престане да ја напаѓа руската инфраструктура за дизел, сметајќи дека тоа предизвикува недостиг на гориво во светот.
Украина ги зачести нападите со дронови со голем дострел врз руските рафинерии во последните месеци, што го намали производството на гориво во Русија и предизвика недостиг на бензин низ целата земја. Киев вели дека рафинериите се легитимни воени цели.
Просечната цена на дизелот во САД, гориво што го користат камиони, возови, бродови и земјоделска механизација, во четвртокот за првпат надмина шест долари за галон.
„Зеленски треба да направи една работа: мора да престане да ги уништува капацитетите за дизел гориво во Русија. Разговаравме со Зеленски за тоа. Има многу други цели. Не напаѓајте ги капацитетите за дизел гориво! Тоа му штети на светот. Глобалниот недостиг не е предизвикан на Блискиот Исток, тоа го прави она што се случува во Русија и Украина“, рече Трамп.
Русија ја намали прогнозата за производство на нафта за оваа година на најниско ниво во последните 17 години и ги ревидираше очекувањата за извоз на гориво за 2026 и 2027 поради војната, според владината нацрт-прогноза, во која увид имаше „Ројтерс“.



