Министерот за надворешни работи на Северна Кореја Ри Јонг Хо изјави дека претседателот на САД Доналд Трамп ѝ објавил војна на неговата земја, која со тоа има право да преземе контрамерки.
„Целиот свет треба да запомни дека САД се тие кои први ѝ објавија војна на нашата земја. Бидејќи е така, ние го имаме секое право да преземеме контрамерки, вклучувајќи уривање американски бомбардери, дури и кога тие не се во воздушниот простор на нашата земја. Прашањето кого ќе го снема ќе биде одговорено тогаш“, им изјави Хо на новинарите во Њујорк.
Тој реагираше на твитот на Трамп, кој напиша дека „Човекот Ракета Ким Џонг Ун е во самоубиствена мисија и затоа Северна Кореја ќе ја снема“.
„САД на никого не објавиле војна, тоа е апсурд“, рече портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
Во обраќање во Обединети нации минатата недела, Трамп се закани дека целосно ќе ја уништи Северна Кореја ако таа им се закани на САД или на нивни сојузници.
Кина ги повика двете страни да ги смират страстите и да не долеваат масло на оган.