На своето враќање на глобалната сцена Доналд Трамп ги обвини производителите на нафта дека ја продолжуваат војната во Украина така што не ги намалуваат цените и се закани дека ќе воведе царини на целиот американски увоз.
Обраќајќи се преку видеоврска на Светскиот економски форум во Давос, тој побара од земјите-членки на ОПЕЦ да ја намалат цената на нафтата, со цел да се намалат приходите на Русија и да се стави крај на војната во Украина.
„Мора да ги намалите. Искрено, изненаден сум дека тоа не беше направено пред изборите. Ако ги намалите, војната Русија-Украина ќе заврши веднаш. Тоа требаше одамна да се направи. Изгубени се милиони животи“, кажа Трамп, додавајќи дека и каматните стапки треба да паднат низ целиот свет.
Исто така најави дека ќе воведе царини на целиот увоз во САД.
„Ако не ги правите вашите производи во Америка, тогаш, многу едноставно, треба да платите царина. Различни износи, но сепак царина“, рече Трамп.
Тој го повтори повикот до членките на НАТО значително да ги зголемат трошоците за одбрана, со цел да ја намалат зависноста од Америка.
„Ќе побарам од членките на НАТО да издвојуваат 5% од својот бруто домашен производ за одбрана. Многу работи не беа фер кон Америка во изминатите години“, кажа Трамп.