Доналд Трамп го врбувал кинескиот претседател Шји Џјинпинг да му помогне да освои уште еден мандат, тврди неговиот поранешен советник за национална безбедност Џон Болтон во новата книга, чие издавање Белата куќа се обиде да го запре.
Во книгата на 577 страници, Болтон се присетува на средбата од самитот на Г20 во Осака минатата година, каде што Трамп го опишал Шји како „најголемиот лидер во кинеската историја“ и ѝ нудел на Кина да купува земјоделски производи од американските фармери.
„Трамп изненадувачки го сврте разговорот кон претседателските избори во САД во 2020 година и алудирајќи на економската способност на Кина, го замоли Шји да му помогне повторно да победи. Тој ја нагласи важноста на земјоделците и на зголемените кинески набавки на соја и пченица за исходот на изборите“, пишува Болтон.
Претставникот на владината агенција за трговија Роберт Лајтајзер ги оспори овие тврдења на Болтон и кажа дека ваков разговор никогаш не се случил.
Книгата „Собата каде што се случи тоа“ ќе излезе во продажба на 23 јуни и Министерството за правда побара тоа да биде блокирано со итна судиска наредба. Издавачот „Сајмон енд Шустер“ кажа дека стотици илјади примероци од книгата се веќе дистрибуирани низ светот.
„Тој го прекрши законот. Тоа се високо доверливи информации, за кои немаше одобрение да ги објави“, кажа Трамп.
Болтон во книгата пишува и дека истрагата за отповикување на Трамп можеше да заврши и поинаку доколку освен Украина, биле истражувани и други обиди за наводно политичко мешање.