Американскиот претседател Доналд Трамп, рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Шји Џинпинг планираат да се сретнат следната недела на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужниот кинески град Шенжен, соопшти Белата куќа.
Портпаролката на Белата куќа Оливија Велс изјави пред новинарите дека Трамп на средбата меѓу другото ќе разговара за намалување на нуклеарното оружје во светот, чие ширење тој го смета за многу опасно.
На состанокот на најголемите нуклеарни сили во светот се очекува да стане збор и за Иран, но не и за Украина. Москва и Пекинг сè уште не ја коментирале најавата.
Неименуван висок американски функционер изјави за новинските агенции АП и Ројтерс дека по разговорите не се очекува да биде постигнат никаков договор.
Трамп ќе пристигне во Шенжен доцна в среда за дводневниот самит на 21 земја членка. Во четврток тој ќе одржи и билатерални разговори со Шји, што ќе биде нивна четврта средба откако американскиот претседател се врати на функцијата во 2025 година.
Велс рече дека Трамп ќе ја заврши посетата на Кина со трилатералната средба меѓу претседателите на САД, Народна Република Кина и Руската Федерација. Според неа, патувањето на Трамп, кое вклучува и учество на самитот на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) на Филипините во вторник, ќе донесе историски победи за американскиот народ и ќе ги унапреди американските интереси во Индо-Пацификот.
Договорот за контрола на нуклеарното оружје меѓу САД и Русија истече во февруари, со што најголемите светски нуклеарни арсенали останаа без главни ограничувања, а со тоа практично заврши соработката за контрола на вооружувањето што помогна да се стави крај на Студената војна.
Обединетите нации ги повикаа двете страни без одложување да договорат нова рамка. Сепак, Трамп изјави дека би можел да го замени договорот со подобар аранжман во кој би била вклучена и Кина, која го зголемува својот арсенал.



