Доналд Трамп сака членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана за повеќе од двојно од сегашната цел, објавија „Фајненшл тајмс“ и „Телеграф“.
Според извештаите, тимот на Трамп им рекол на европските претставници дека новоизбраниот претседател на САД очекува сојузниците од НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на пет отсто од националниот бруто домашен производ по неговата инаугурација на 20 јануари. Сегашната цел на алијансата е два отсто.
Тимот на Трамп, исто така, наводно рекол дека новата американска администрација ќе продолжи да ја поддржува Украина.
За време на неговиот прв мандат Трамп предложи членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана на четири отсто од БДП. Извештајот на НАТО од јуни покажа дека 23 од 32-те членки ја постигнале целта од два отсто.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте делумно застана на страната на Трамп по ова прашање.
„Ќе мораме да трошиме повеќе. Ќе бидат многу повеќе од два проценти. Јас сум за тоа“, рече Руте минатиот месец.
Во интервју за Ен-Би-Си на 8 декември, Трамп рече дека „Вашингтон апсолутно ќе остане во НАТО доколку сојузниците си ги плаќаат сметките и нема да има проблем да замине ако тоа не е случај“.