Доналд Трамп кажа дека Украина мора да биде вклучена во разговорите за територија во каков било договор за примирје со Русија, изјави Емануел Макрон по денешната виртуелна средба на американскиот претседател со Володимир Зеленски и европските лидери, што се одржа два дена пред самитот Трамп-Путин на Алјаска.
Трамп претходно кажа дека Русија и Украина ќе мора да отстапат територии и Европејците се загрижени дека ова би можело да ја остави Русија со речиси една петина од Украина, што би го охрабрило Владимир Путин да продолжи со својот поход кон запад во иднина.
„Трамп беше јасен дека териториите што ѝ припаѓаат на Украина не можат да бидат предмет на преговори и за нив ќе може да преговара само украинскиот претседател. Во моментов нема сериозни шеми за територијална размена на маса“, кажа Макрон.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц рече дека приоритет на Трамп в петок ќе биде постигнување прекин на огнот, додавајќи дека законско признавање на територијалните освојувања на Русија не доаѓа предвид.
Пред денешната средба во Берлин, Русија го повтори својот став дека прекин на огнот може да има само ако Украина се откаже од четирите региони што Путин незаконски ги анектираше, Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон и дека мора да има гаранции дека Украина нема да стане членка на НАТО. Русија моментално контролира околу 19% од Украина, вклучувајќи го Крим.
„Им кажав на Трамп и на сите наши европски партнери дека Путин блефира. Тој блефира дека санкциите не функционираат. Всушност, санкциите силно ја погодуваат руската економија. Путин не ја променил својата крајна цел и сè уште сака да ја окупира цела Украина“, кажа Зеленски.
По телефонскиот разговор со Трамп, Зеленски рече дека се надева оти централната тема на претстојниот состанок на Алјаска ќе биде моментален прекин на огнот.
„Претседателот на САД постојано зборуваше за ова. Ми предложи да бидеме во контакт по состанокот на Алјаска и да разговараме за сите резултати, доколку ги има и да ги утврдиме нашите следни чекори“, додаде Зеленски, надевајќи се дека наскоро ќе има трилатерална средба со Путин и Трамп.