ТРАМП САКАЛ ДА ГО ТРГНЕ СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ МИЛЕР ЗАШТО БИЛ УПЛАШЕН ДЕКА НЕГОВАТА ИСТРАГА ЌЕ МУ ГО УНИШТИ МАНДАТОТ

    ТРАМП САКАЛ ДА ГО ТРГНЕ СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ МИЛЕР ЗАШТО БИЛ УПЛАШЕН ДЕКА НЕГОВАТА ИСТРАГА ЌЕ МУ ГО УНИШТИ МАНДАТОТЦелосниот извештај на Милер кој има 448 страници беше објавен денеска (Фото: АП)

    Доналд Трамп се обидел да го отпушти специјалниот обвинител Роберт Милер откако тој покрена истрага за можното руско мешање во изборите во 2016 година, се дознава од неговиот извештај, кој денеска беше објавен во целост.

    Скратената верзија на извештајот, кој заклучи дека кампањата на Трамп не била координирана со Русија, беше објавена пред еден месец од министерот за правда Вилијам Бар. Трамп претходно го опиша извештајот како негова целосна победа, иако Милер не го ослободи од обвинението дека ја попречувал правдата.

    Во извештајот се вели дека Трамп во јуни 2017 се обидел преку бившиот адвокат на Белата куќа Дон Мекган да го издејствува отстранувањето на Милер, сметајќи дека тој поради „судир на интереси не може да биде специјален обвинител“. Мекган дал оставка бидејќи, како што кажал, не планирал да ги следи директивите на Трамп, кој бил уплашен дека истрагата ќе му го уништи мандатот.

    „О, Боже, ова е ужасно! Готов сум, ова ќе го уништи моето претседателствување!“, била реакцијата на Трамп кога дознал дека Милер е назначен за специјален обвинител, по што се ангажирал да го тргне.

    „Милер мора да си оди! Јавете ми се кога ова ќе биде завршено“, стои во извештајот, кој има 448 страници.

    Милер истражувал 11 ситуации во коишто Трамп наводно ја попречувал правдата.

    „Напорите на Трамп да ја преземе контролата врз истрагата главно беа неуспешни, најмногу затоа што луѓето околу него одбиваа да ги спроведат неговите наредби и барања“, вели Милер.

    Русија соопшти дека ќе го провери извештајот, за да види дали има нешто што треба да се анализира.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира