Експретседателот на САД Доналд Трамп замина од судот во Вашингтон откако се изјасни за невин по обвиненијата во кои се тврди дека имал заговор за поништување на изборите во 2020 година, во обид да ја задржи власта. Обвинителството го нарече заговорот невиден обид на тогашниот претседател да ги поткопа столбовите на американската демократија. Најсериозните обвиненија предвидуваат затворска казна до 20 години.
Трамп се изјасни во истата судска зграда каде што повеќе од 1.000 негови приврзаници се обвинети за злосторства за учество во нападот на Капитолот на САД на 6 јануари 2021, кој го запре потврдувањето на победата на Џо Бајден.
Трамп беше условно ослободен, а меѓу условите е да нема контакт за случајот со ниту еден сведок, освен ако не се присутни адвокати.
„Доколку не исполните какви било услови за вашето ослободување, може да биде издаден налог за ваше апсење“, му рече судијката Моксила А. Упадјаја.
Лицето на Трамп изгледаше затегнато и сериозно, а тој повремено пишуваше на хартија пред него во текот на сослушувањето. Како што се приближуваше кон крајот, Трамп му се заблагодари на судијата пред да ја напушти судницата низ истата врата каде што влезе.
Следното рочиште за изборниот заговор на Трамп во 2020 година е закажано за 28 август, само неколку дена по првата дебата на републиканските претседателски прелиминарни избори за 2024 година.