ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА САД ЌЕ ДОБИЈАТ ОД 30 ДО 50 МИЛИОНИ БАРЕЛИ НАФТА ОД ВЕНЕЦУЕЛА ВРЕДНА 2,8 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

    ТРАМП ВЕЛИ ДЕКА САД ЌЕ ДОБИЈАТ ОД 30 ДО 50 МИЛИОНИ БАРЕЛИ НАФТА ОД ВЕНЕЦУЕЛА ВРЕДНА 2,8 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИОвој обем приближно одговара на вкупното производство на венецуелската нафтена индустрија за еден до два месеца; - Седиштето на венецуелската државна нафтена компанија ПДВСА во Каракас. (Фото: АП)

    Венецуела ќе им испорача на САД до 50 милиони барели нафта, најави американскиот претседател Доналд Трамп кој самиот ќе ги надгледува приходите. Само неколку дена по американската воена интервенција во Каракас, Трамп изјави дека директно интервенира во нафтената индустрија на Венецуела и ја обезбедува контролата врз приходите од продажбата на нафта.

    Венецуела ќе им испорача на САД меѓу 30 и 50 милиони барели (еден барел има 159 литри) санкционирана нафта, а тој самиот ќе ги контролира приходите од нејзината продажба, најави Трамп. Вредноста е околу 2,8 милијарди долари по моменталната пазарна цена, Трамп најави дека нафтата ќе биде продадена, а приходите ќе им користат на двете земји. Сè уште не е јасно во кој временски период Венецуела треба да го обезбеди количеството сурова нафта што го спомена Трамп. Овој обем приближно одговара на вкупното производство на венецуелската нафтена индустрија за еден до два месеца.

    Нафтениот бизнис е најважниот извор на приходи и девизи за владата на Венецуела. Новото раководство во Каракас не даде коментар за најавата на Трамп.

    Нафтата ќе биде транспортирана со бродови директно до пристаништата во САД, напиша Трамп на неговата платформа Трут соушал. Министерот за енергетика Крис Рајт добил налог овој план да го спроведе „веднаш“.

    „Оваа нафта ќе се продава по нејзината пазарна цена, а парите ќе бидат контролирани од мене, како претседател на Соединетите Американски Држави, за да се осигурам дека ќе бидат употребени за доброто на венецуелскиот народ и на САД“, рече Трамп.

    Белата куќа организира состанок за 9 јануари со раководителите на американските нафтени компании за да разговараат за Венецуела, врз која администрацијата на Трамп врши притисок пошироко да ја отвори својата огромна, но проблематична нафтена индустрија за американски инвестиции и знаење. Се очекува претставници на „Ексон“, „Шеврон“ и „КонокоФилипс“ да присуствуваат на состанокот во Белата куќа, според лице запознаено со прашањето кое побарало анонимност за да разговара за плановите.

    За Венецуела, губењето на приходите би било многу болно. За САД, пак, очекуваните приходи би претставувале релативно мала сума. И количеството на нафта има ограничено значење за САД: земјата, според владините информации, произведува речиси 14 милиони барели дневно.

    Според замислата на Трамп, американските компании сега треба масовно да инвестираат и да ја обноват распаднатата нафтена индустрија во Венецуела. Многу демократи го обвинуваат претседателот дека ја нападнал Венецуела само поради нејзините нафтени резерви. Апсењето на властодржецот Николас Мадуро поради наводни деликти поврзани со дрога, според нив, било само изговор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира