Доналд Трамп вети дека ќе прекине со политиката на раздвојување семејства, откако стотици деца-мигранти беа одделени од своите семејства по нелегалниот влез во САД, што наиде на жестоки осуди од целиот свет.
„Наскоро ќе потпишам нешто со што ќе го спречам тоа“, кажа Трамп, не прецизирајќи за каков документ станува збор.
Министерството за национална безбедност веќе издало извршна наредба за прекин на контроверзната политика, додека самиот Трамп претходно најави донесување закон со кој ќе се стави крај на раздвојување семејства.
Поради новонастанатата ситуација, Трамп го одложи двопартискиот конгресменски пикник, закажан за утре, затоа што, како што кажа, „не е време за тоа“.
„Ние не сакаме да ги одвојуваме децата од семејствата. Можеме да ги спроведуваме нашите закони за имиграција и без да растураме семејства“, кажа лидерот на републиканците во Конгресот, Пол Рајан, не откривајќи детали од новиот закон.
Во април, САД усвои политика на нулта толеранција кон илегални имигранти, што предвидува затвор за сите кои нелегално ќе ја поминат границата, како резултат на што беа одземени повеќе од 2.300 деца, меѓу кои и бебиња.