ТРОЈЦА ПОВРЕДЕНИ ВО ТЕПАЧКА НА МАКЕДОНСКИ И ХРВАТСКИ НАВИВАЧИ ВО АВСТРАЛИЈА, СЕ ГАЃАА СО ГАЈБИ, ЦИГЛИ, ФАКЕЛИ И ШИПКИ

    ТРОЈЦА ПОВРЕДЕНИ ВО ТЕПАЧКА НА МАКЕДОНСКИ И ХРВАТСКИ НАВИВАЧИ ВО АВСТРАЛИЈА, СЕ ГАЃАА СО ГАЈБИ, ЦИГЛИ, ФАКЕЛИ И ШИПКИДетективот Тони Кук ги нарече навивачите морони. (Фото: Твитер/принтскрин)

    Тројца се повредени по тепачката на навивачите на австралиските фудбалски клубови Рокдејл Илинден и Сиднеј Јунајтед 58, а еден од нив е уапсен, за време на натпреварот на двата клуба од Сиднеј во неделата. Рокдејл Илинден е основан и поддржуван од македонски иселеници, додека Сиднеј Јунајтед 58 е клуб на хрватските иселеници.

    Полицијата вели дека инцидентот се случил откако еден навивач влегол на теренот и тргнал кон еден од играчите.

    „Тој беше исфрлен од теренот и тоа предизвика тензии, но тоа не е изговор за вакво однесување. Благо кажано е дека сум згрозен од ова однесување“, изјави детективот Тони Кук за локалните медиуми.

    На социјалните мрежи се споделуваа видеа од инцидентот, на кои се гледа како навивачите се пресметуваат со пластични гајби, камења, цигли, метални шипки и факели.

    Детективот Кук рече дека уапсениот 23-годишник носел сечило од косилка за трева. Обвинет е за носење оружје со намера да направи кривично дело.

    „Срамота е ова да се случи на ваков убав ден. Ваквите морони ги расипуваат работите за сите останати“, вели детективот.

    Натпреварот меѓу Рокдејл Илинден и Сиднеј Јунајтед 58, кои играат во НПЛ, второ по ранг натпреварување во Австралија, заврши 0:0. Рокдејл Илинден е прв на табелата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира