Владата на Туркменистан забрани да се употребува зборот коронавирус, со што се цензурираат информации за пандемијата, а граѓаните се доведуваат во опасност, предупреди организацијата Репортери без граници.
На државните медиуми веќе не им е дозволено да го користат овој збор, а тој е исфрлен и од здравствените брошури што се делат по училишта, болници и работни места, објави „Туркменистан хрониклс“, еден од малкуте тамошни независни медиуми, чиј сајт е блокиран во земјата.
Тие додаваат дека оние кои носат заштитна маска или зборуваат за коронавирусот можат да бидат уапсени.
„Туркменските власти користат екстремни методи за да се избришат сите информации за коронавирусот и тоа ги загрозува сите жители“, вели Жана Кавалие, шефица на одделот на Репортери без граници за Источна Европа и Централна Азија.
Според властите, во Туркменистан досега нема ниеден случај на коронавирус.