ТУРСКАТА ПОЛИЦИЈА ПРИВЕДЕ 47 ЛИЦА ВО РАЦИИ НА ГЕЈ БАРОВИ И ДОМОВИ НА АКТИВИСТИ ЗА ЛГБТ ПРАВА

    ТУРСКАТА ПОЛИЦИЈА ПРИВЕДЕ 47 ЛИЦА ВО РАЦИИ НА ГЕЈ БАРОВИ И ДОМОВИ НА АКТИВИСТИ ЗА ЛГБТ ПРАВАОпозициска пратеничка Севда Карача кажа дека oдбраната на правото на живот и организирање на ЛГБТК+ лицата значи одбрана на правата и слободите на секого во земјата. (Фото: Туркиш Дејли)

    Турската полиција приведе 47 лица во серија рации врз геј барови и домови на ЛГБТК+ активисти, соопштија официјалните власти. Полициските акции беа спроведени во 12 провинции во текот на викендот, како дел од кампањата „Моето семејство е безбедно“, за која владата вели дека има цел заштита на семејните вредности.

    Една од целите на операцијата беше здружението за права на заедницата „Каос ГЛ“.

    Според соопштението на главниот обвинител во Истанбул, полициските службеници притвориле 26 лица и заплениле дрога, дигитална опрема, шверцуван алкохол и огнено оружје. Во одделно соопштение, обвинителството во Анкара соопшти дека уште 21 лице е приведено во рамки на истрагата поврзана со „Каос ГЛ“.

    Од организацијата „Каос ГЛ“ велат дека всушност биле приведени 50 активисти, од кои повеќе од десетмина по упади на полицијата во нивните домови. Здружението соопшти дека властите исто така блокирале повеќе веб-страници и профили на социјалните мрежи поврзани со овие организации. Според нивните наводи, властите го обвинуваат здружението за ширење непристојност преку интернет објави достапни за деца и побарале згаснување на нивниот профил на мрежата Икс, како и на профилите на уште околу 15 други организации.

    Истополовите односи не се кривично дело според турското законодавство, но хомофобијата е честа појава. Истополовите бракови не се признаваат, а притисокот врз истополовите парови постојано се зголемува. Претседателот Реџеп Таип Ердоган претходно ја опиша ЛГБТК+ заедницата како девијантна и одговорна за падот на наталитетот.

    Министерот за правда Акин Гурлек соопшти дека се поведени правни постапки против повеќе од 160 лица и повеќе организации и фирми низ целата земја. Тој не соопшти колку точно лица се во притвор, но кажа дека рациите се спроведени во рамки на кампањата „Деценија на семејството“.

    Организациите за човекови права во Турција ја обвинуваат власта дека со години ја користи оваа кампања за таргетирање на ЛГБТК+ заедницата. Турското здружение за човекови права преку мрежата Икс соопшти дека вистинската природа на акцијата не е заштита на семејството, туку државно водена дискриминација, политика на страв и уривање на граѓанскиот сектор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира