Џо Бајден го одобри испраќањето на борбени авиони „Ф-16“ во Турција, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливен.
„Претседателот беше јасен дека го поддржува испраќањето. Тој не стави никакви забелешки на тоа“, изјави Саливен пред почетокот на самитот на НАТО во Вилнус.
Ова следува откако турскиот претседател Ердоган синоќа се согласи да ја поддржи кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, ветувајќи дека ќе се погрижи таа да биде одобрена во парламентот. Некои партнери на НАТО веруваа дека Турција ја користеше шведската апликација за да го притисне Вашингтон за авионите. Во октомври 2021, Турција побара да купи 40 авиони „Ф-16“ и 79 пакети за модернизација на постојните авиони, за што сакаше да издвои 20 милијарди долари.
Министрите за одбрана на САД и Турција, Лојд Остин и Јасар Ѓулер, синоќа разговарале за модернизирањето на турската војска. Ердоган вчера кажа дека ратификацијата на шведската апликација и купувањето на авионите не се поврзани.