Турција поставува контејнерски градови за да ги згрижи долгорочно оние кои останале без дом по неодамнешниот катастрофален земјотрес, додека бројот на загинати порасна на 48.448, објави министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу. Вкупниот број загинати во Турција и Сирија изнесува над 54.000.
Сојлу кажа дека меѓу жртвите има и 6.660 странски државјани, најмногу Сиријци, додека властите и натаму се обидуваат да идентификуваат 1.615 тела. Во земјотресот и последователните тресења имаше 115.000 повредени во Турција.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган вети дека сите домови повторно ќе бидат изградени во рок од една година. Сојлу кажа дека владата планира да постави 115.585 контејнери за исто толку семејства во погодените региони. Досега биле поставени 433.536 шатори и 21.000 контејнери, а Катар ветил дека ќе испрати уште 10.000, кои биле користени за време на Светското фудбалско првенство.
Властите кажаа дека во земјотресот биле уништени 36.257 згради, а уште 18.219 дополнително биле урнати.