Голема спасувачка операција се одвива во Турција, откако еден Американец остана заглавен во третата најдлабока пештера во земјата. Околу 150 луѓе учествуваат во спасувањето на 40-годишниот Марк Дики, кој е заглавен во пештерата Морка од саботата.
Тој беше еден од водачите на тимот кој вршеше мапирање на нов премин во пештерата, кога почнал да страда од гастроинтестинално крвавење. Турската спелеолошка федерација објави дека спасувачката операција е сложена, зашто Дики се наоѓа на длабочина од 1.120 метри.
Шест единици крв се доставени до Дики и неговата состојба беше стабилизирана до денеска.
„Крвавењето е запрено и тој може да се движи без поддршка, но потребни се носилки за да биде изваден од пештерата. Логистички и технички, ова е едно од најголемите спасувања од пештера на светот и ќе биде долго и предизвикувачко“, соопшти Турската спелеолошка федерација.
Во спасувањето е вклучена и турската војска, а напомош се испратени и тимови од други земји, како Унгарија и Хрватска.
Марк Дики важи за искусен истражувач на пештери, со што се занимава веќе 20 години.