Турција е пред историски референдум за новиот политички систем што може да го промени курсот на нејзината историја и земјата е длабоко поделена. За поддржувачите на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, промената ќе ја донесе потребната стабилност, додека останатите се плашат дека ќе ја однесе Турција на автократски пат и неограничена власт на Ердоган. Гласачите утре ќе решат дали да ќе се одобрат уставните промени што ќе го заменат парламентарниот систем со претседателски, укинувајќи ја премиерската позиција, чии овластувања ќе ги преземе претседателот.
Ердоган, кој ја предводеше кампњата за „Да“ на референдумот, вели дека предложениот претседателски систем ќе стави крај на слабите влади, ќе воспостави ефикасна држава ќе ѝ донесе развој на земјата.
Гласот „Да“ ќе овозможи 18 уставни реформи коишто ќе му дадат моќ на претседателот да назначува владини министри, високи функционери и половина од членовите на Врховниот суд, а ќе може и да издава декрети.
Критичарите велат дека тоа ќе му овозможи на Ердоган, кој е на власт од 2003 година, дел како премиер, дел како претседател, да може да владее најмалку до 2029 година со малку ограничувања.
„18-те уставни промени предвидуваат многу лабава поделба на властите и тоа во голема мера значи дека извршната власт на претседателот ќе биде доминантна“, вели Ахмет Касим Хан, професор по меѓународни односи на Универзитетот Кадир Хас од Истанбул.
Анкетите сугерираат дека трката е многу израмнета пред утрешното гласање.
„Ќе биде многу тесно. И двата избори, „Да“ и „Не“, се подеднакво можни исходи“, додаде Хан.
Во меѓувреме, Турција се оддалечува сè подалеку од Европа по неодамнешните испади на Ердоган, кој ги нападна владите на Холандија и Германија и ги нарече „нацисти“ поради нивните забрани за турските министри да се појавуваат на митинзи за референдумот пред дијаспората.
За Ердоган (63), претседателскиот систем е долгогодишен сон.
Од 2003 до 2014 година беше премиер, а во 2014 година беше избран за претседател со петгодишен мандат. Ердоган тврди дека како прв претседател избран од народот, место од парламентот, треба да има поширок мандат од неговите претходници.
Ердоган останува популарен во конзервативните и религиозните делови од Турција, каде го гледаат како силен лидер кој ѝ се спротивставува на Европа, терористичките закани и на пучистите. Многумина веруваат дека тој ги подобрил државните сервиси и здравството и им дал глас на побожните муслимани кои на периоди се чувствуваа маргинализирани од секуларните влади.
На секој митинг, Ердоган вели дека новиот систем ќе стави крај на нестабилни влади и коалиции, ќе спречи пучови слични на ланскиот неуспешен обид и ќе стави крај на двојно лидерство меѓу премиерот и претседателот.
„Би сакал да можевме да ги воведеме овие промени пред неколку години. Плативме скапо за овие одложувања“, пораа Ердоган на еден од митинзите.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), којашто ќе го надгледува референдумот, во извештајот забележа дека гласањето ќе се случува среде вонредна состојба во којашто „основните слободи се намалени и илјадници граѓани се приведени или отпуштени, вклучувајќи државни службеници, судии, новинари и членови на опозициските партии“. Исто така, забележано е дека кампањата „Не“ се соочувала со „забрани, полициски интервенции и насилни судири на нивните минитинзи“.
Ердоган го нападна извештајот на ОБСЕ во говор на вчерашниот митинг во Коња.
„Тие велат дека ако победи ‘Да’, тоа ќе значи дека има проблеми тука. Кои сте вие? Првин, треба да си го знаете местото. Не може да се мешате дали ќе победи ‘Да’ или ‘Не’. Па велат дека насекаде гледале ‘Да’, а никаде не виделе ‘Не’. За тоа треба да зборуваат со партиите чии претставници не работеле“, вели Ердоган.
Ако победи „Да“ на референдумот, промените ќе стапат во сила по следните избори закажани за 2019 година.