Твитер блокираше твит на Доналд Трамп бидејќи ги прекршил правилата, величејќи насилство. Твитот не е целосно избришан, туку е заменет со предупредување и може да се види кога ќе се кликне на него.
Ова уследи само ден откако Трамп потпиша извршна наредба со која се отстранува дел од законската заштита што ја имаат социјалните медиуми и ја отвори можноста тие да бидат тужени.
„Кога ќе почнат грабежи, почнува и пукањето“, напиша Трамп и се закани дека ќе испрати војска во Минеаполис, каде што веќе три ноќи има нереди поради убиството на Афроамериканец додека бил приведуван од полицијата.
Според Твитер, изјавата на Трамп има историски контекст и се поврзува со насилство. Тој го цитирал некогашниот шеф на полицијата на Мајами Волтер Хидли, кој во 1967 година на ваков начин им се заканил на граѓаните кои биле вознемирени откако полицијата тероризирала црномуресто момче.
Трамп во својот твит ги нарече демонстрантите „криминалци кои го обесчестуваат сеќавањето на убиениот Џорџ Флојд“.