Началникот на српската Управа за криминалистичка полиција (УКП) Марко Кричак е уапсен утрово по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград под сомнение за злоупотреба на службената положба. Истовремено е приведен и началникот на Службата за сузбивање криминал, Бошко Секуловиќ.
Кричак ја предводеше полициската акција по убиството на Александар Нешовиќ во ресторан во Белград, за што првично беше уапсен тогашниот началник на белградската полиција Веселин Милиќ. Како што објави „Радар“, Кричак сега е осомничен за фалсификување докази во тој случај и за вршење притисок врз сведоците и обвинетите да ги прилагодат фактите на веќе формираната конструкција на настаните.
Милиќ беше уапсен заедно со уште 10 лица за убиството на Нешовиќ на 12 мај. На крајот на јули, адвокатите на Милиќ поднесоа кривична пријава против Кричак и Секуловиќ поради сомнение дека ја злоупотребиле службената положба во овој случај на штета на Милиќ.
Кричак ја водеше УКП од крајот на минатата година и неговото име стана озлогласено за време на студентските протести во Србија, кога неговата единица се истакна по бруталноста кон демонстрантите.



