Аргентински пилот се фрлил од авион среде лет откако ѝ рекол на жената на која ѝ бил инструктор сама да го приземји авионот. Четириесет и двегодишниот Леандро Андрес Бертацо бил пронајден мртов по инцидентот, што се случил во Толедо во централна Аргентина викендов, соопшти аргентинското јавно обвинителство вчера.
Бертацо го управувал авионот „цесна 150“ со 22-годишна ученичка по име Росарио. Во еден момент ѝ рекол „Знаеш што треба да направиш, продолжи“, по што станал од пилотското седиште, ја отворил вратата и скокнал од авионот, објави телевизијата „ТН“.
Едуардо Алварес, директорот на школата за летање каде што работел Бертацо, за „ТН“ изјави дека немало назнаки дека пилотот планирал да се самоубие.
„Леандро претходно истиот ден леташе со друг ученик. Тој ја донесол оваа трагична одлука во авион со друго лице покрај себе. Невозможно е да се сфати тоа. Бертацо беше прекрасна личност со прекрасна насмевка. Изненадени сме што се случи ова“, кажа Алварес.
Тој додаде дека Росарио успеала безбедно да слета, иако била во целосен шок.



