Учениците во Велика Британија ќе учат како да препознаваат дезинформации, медиумска пристрасност и манипулативни содржини, но и како да „не се согласуваат на прифатлив начин“, во рамки на големата реформа на наставната програма во земјата. Промените, што ќе бидат претставени утре, предвидуваат задолжителни часови по граѓанско образование уште од основно училиште, поголем фокус на дигиталната и медиумската писменост, финансиското образование, како и анализа на податоци и вештачка интелигенција во рамки на предметот информатика.
Министерката за образование Луси Пауел изјави дека досегашната наставна програма не успеала да ги следи промените во современиот свет.
„Го модернизираме наставниот план за да ги подготвиме младите за иднината што брзо се менува, а не за некое минато време“, рече Пауел.
Реформите ќе стават акцент и на комуникациските вештини. На крајот од основното образование ќе се воведе ново оценување на говорењето и слушањето.
Претседателот на Комисијата за говорно образование, Џеф Бартон, оцени дека промените ќе им помогнат на децата да ги разбираат и анализираат идеите, да ги аргументираат своите ставови и да научат „како да не се согласуваат на прифатлив начин“, со цел да станат активни и информирани граѓани.
Дополнително, училиштата ќе треба да одвојуваат време за читање од задоволство, како одговор на намалениот интерес за секојдневно читање поради сè поголемото влијание на екраните.
Предлогот за задолжително финансиско образование го поздрави активистот за заштита на потрошувачите Мартин Луис, оценувајќи дека тоа е „можност младите да не бидат испратени во свет полн со измами, сомнителни зделки и долгови без алатки за справување со нив“.
Сепак, реформите наидоа и на критики. Лабуристичката опозиција ја оцени реформата како „список на идеи што само звучат убаво“ што може да го ослабне основното знаење по клучните предмети.
„Наместо образовна политика заснована на она што докажано функционира, добиваме политика заснована на впечатоци“, изјави министерката во сенка за образование Лора Трот.



