Ланецот хотели „Мериот“ соопшти дека им била хакирана датабаза на системот за резервации и личните податоци на 500 милиони гости се компромитирани. Истрагата на хотелската групација, која управува со над 6.700 објекти низ светот и е најголем хотелски ланец во светот, утврдила дека неовластени лица ги ископирале податоците и потоа се обиделе да ги избришат.
Хотелскиот ланец, со седиште во Бетесда, САД, вели дека компромитираните лични податоци вклучуваат имиња, адреси, датуми на раѓање, броеви на пасоши, имејл адреси и телефонски броеви на стотици милиони гости. Хакерите, исто така, украле информации за кредитни картички на дел од гостите, но засега е нејасно дали хакерите можат да ги искористат за плаќање.